news__ formulari1__ galerija1 __biznis1__ caska1__ oglasnaTabla1

Во просториите на општина Велес беа презентирани наодите од осум месечното истражување спроведено од Центарот на активни граѓани АКТИВО, Велес, а чиј предмет на интерес е извршување на буџетите на општините од Вардарски плански регион во периодот од 2013 до 2017 година.

На завршниот настан за презентација на резултатите присуствуваа ... градоначалници, претставници на локални самоуправи, институции, граѓански сектор и медиуми.

По презентирање на наодите од истражувањето, за предизвиците со кои се соочил во изминатиов период во однос на планирањето на буџетот и неговата реализација говореше градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски. Коцевски потенцираше декабуџетот е најважен документ и тој ја покажува политиката која ја води градоначалникот. Изминатите години буџетите на општините беа списоци на желби, но тоа не зависи од вработените туку од градоначалниците и мнозинството во Советот. Живееме во партизирано општество во кое градоначалниците ветуваат се и сешто за да ги придобијат граѓаните.

Градоначалникот на Општина Росоман, Бранко Јанев, говореше за тоа колку Општината во овој период успеа да го задржи позитивниот тренд на реализација на буџетот, со оглед на тоа што беше најуспешна во периодот од 2013 до 2017 година. Според Јанев, Општината и понатаму оди во правилна насока и не го предимензионира буџетот, затоа што и во 2018 година според неговите сознанија реализацијата на буџетот на Општина Росоман е 80%.

Своите искуства од планирањето и реализиацијата на буџетот во изминатиов период ги сподели и градоначалникот на општина Чашка, Горан Стојановски. Тој рече дека презентирањето на овие наоди многу ќе им помогне за во следниот период да имаат претстава дали општината се движи во правилна насока со цел да ја направат подобро место за живеење. Стојановски додаде дека сметката на Општината е одблокирана, дека скратил голем дел од непродуктивните трошоци и дека ќе му треба поддршка за да го доближи планирањето на буџетот до граѓаните со цел и тие активно да се вклучат во него.

Наодите од истражувањето ги презентираше Дејан Ристов, координатор на проектот, кој како клучни ги посочи следните:
-Постои се поголем расчекор помеѓу планираните и реализираните буџети на општините од Вардарски плански регион во периодот од 2013 до 2017 година;
-Растечки тренд во планираните буџетски приходи на општините од Вардарски плански регион во последните пет години е присутен во сите девет локални самоуправи. Планираниот буџет на општините од Регионот во овие пет години се зголемил за цели 15 милиони евра;
-Планираниот буџет на скоро сите општини е во континуиран пораст, но реализацијата на буџетот има крајно променлива динамика и не го следи неговото темпо;
-Реализираниот буџет на општините во 2017 се зголемил за само четири и пол милиони евра во споредба со 2013 година;
-Повеќе од 60 милиони евра испланирани пари од сите девет општини во последните пет години останале нереализирани;
-Во последната 2017 година генерално општините од Вардарски плански регион најслабо го планирале и реализирале буџетот во споредба со претходните четири години;
-Eдна третина од планираните буџети на сите девет општини од Регионот во 2017 година останале нереализирани;
-Во анализираниот период, највисок процент на нереализирани средства е забележан во 2017 година;
-Општините во 2013 година реализирале 84%, додека во  2017  само 67% од планираните буџети. Со тоа, просечната реализација на буџетите од 2013 до 2017 година опаднала за 17 проценти. Просечен процент на реализација на сите општини за сите години е 75%;
-Општина Росоман најдобро го планирала и реализирала буџетот во сите пет години, а најслабо тоа го правела општина Демир Капија;
-Помалите општини во Вардарски плански регион издвојуваат повеќе средства по глава на жител од поголемите;
-Општините планирале да потрошат по точно 100 евра повеќе по глава на жител отколку што реализирале просечно во сите пет години;
-Општините Демир Капија, Градско и Росоман реализирале најмногу пари по глава на жител, додека Општините Велес, Кавадарци и Лозово потрошиле најмалку средства за секој граѓанин кој што живее на нивната територија;
-Општина Демир Капија е единствената Општина од Регионот која има просек на потрошени средства по глава на жител за сите пет години од над 300 евра и таа е единствената општина која потрошила повеќе од 400 евра за секој жител во една година;
-Општина Велес како најголема општина во Регионот, пак потрошила најмалку пари по глава на жител во периодот од 2013 до 2017 година. Во 2013, Општината потрошила само 182 евра по жител, што се најмалку потрошени средства во сите пет години од сите девет општини.

Oва истражување беше направено во рамки на проектот „Едуцирани и информирани граѓани предуслов за транспарентни институции“ кој е дел од вториот повик за регрантирање на проектот „Граѓанска Алијанса за транспарентност - Набљудување на процесот на реформи во јавната администрација од страна на граѓански организации“ кој го спроведуваат Фондацијата Отворено Општество - Македонија и Евротинк – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Европската Унија.

 
Banner
Banner
Banner
Banner
Banner
Banner
Banner
Banner
Banner
Banner